Денес, здружението за поддршка на палијативните пациенти и нивните семејства ПАЛИУМ организираше донаторски настан „Со помагала да помaгaме“ како дел од Проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ кој го спроведува Здружението КОНЕКТ. Целта на овој настан е да се соберат средства за отворање на првата изнајмувачница во државата на ортопедски помагала за палијативни пациенти. Оваа можност во огромна мера ќе им ја олесни грижата и третманот во домашни услови на семејствата со член кој е палијативен пациент. Со овој проект истовремено го одбележавме и одбележаа Светскиот ден на Хоспис и Палијативната грижа кој оваа година на 12.10.2024 се одбележа под мотото „10 години од Резолуцијата: До каде стигнавме?“.
Палијативната нега е медицински пристап кој има за цел да го подобри квалитетот на животот на пациентите кои страдаат од неизлечиви и терминални болести. Оваа нега се поврзува најчесто со онколошки дијагнози, но исто така се користи во напредна и терминална фаза на многу други болести. Огромниот број на палијативни пациенти во државата ја наметна потребата од оваа иницијатива.
На донаторскиот настан присуствуваше директорот на Фондот за здравство Г-н Сашо Клековски, претставници од Министерството за Здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Невладиниот сектор и вработени во здравството кои придонесоа да се отвори дијалог за важноста од подобрување на условите и можностите за оваа ранлива категорија на пациенти.
Како најургентни мерки за кои се дискутираше на настанот се издвоија: подобри можности за палијативна нега во домот и достапност на ортопедски помагала, советодавна линија за поддршка на палијативните пациенти и нивните семејства, а на Македонија час поскоро и е потребно усвојување на Национална стратегија за Палијативна грижа со оглед на нагорниот тренд на раст на случаите со малигни неоплазми.
Кампањата за собирање средства продолжува на платформата Оп- Оп на Конект и наредните денови.
Секој од нас може да помогне на еден пациент, а заедно можеме да помогнеме на многу. Човек не е богат по тоа колку има,
туку колку дава за да помогне на другите.
















