Традиционално и оваа година земавме учество и дадовме своја скромна поддршка на петтиот донаторски кружок кој го спроведуваат нашите пријатели од Конект а во рамки на проектот „Партнерства за донирање“ помогнат од УСАИД. На самиот настан уште еднаш се покажа филантропијата на дело и посебно сме среќни што и ние можевме да допринесеме скомно но важно за промените во заедницата.
Во продолжение прочитајте го и официјалното соопштение од Конект по настанот
Драги донаторки и донатори,
Во Конект уште сме под импресии од вчерашниот 5ти по ред донаторски кружок каде на дело покажавме дека заедно можеме да направиме промени и да ги земеме работите во наши раце. Многу ви се заблагодаруваме што лично сте дел од заедницата на и индивидуални донатори кои не само што прават промени, туку и заеднички ја испишуваат историјата на филантропијата на дело во нашата земја.
150 граѓани и граѓанки заедно со поддршка на корпоративните донатори здружено дониравме и не само што ја постигнавме крајната цел на настанот туку заеднички ја триплиравме и собравме неверојатни 1.000.033 (еден милион и триесет и три денари). Браво! Дополнително, 27 компании и поединци го поддржаа кружокот со финансиски и материјални донации. Овие бројки го прават 5от кружок најуспешен до сега.
Ви пренесуваме посебна благодарност од „Акција здруженска“, „Енхелеус Лихнид“, и „Иницијатива за права на жени од Шуто Оризари“. Тие се пресреќни и возбудени од поддршката која им ја дадовте. Ќе следиме и ќе ве информираме како вашите донации прават промени.
За оние кои не беа во можност вчеравечер да ги изреализираат донациите, не се секирајте, се уште можете да го сторите тоа:
- преку уплата на сметката на Конект со број 300000002738831 (целосните детали се достапни во атачментот);
- онлајн на платформата за групно донирање Оп-оп, каде се поставени иницијативите на организациите кои ни се претставија на кружокот.
Фотографиите се полни насмевки и трајно ќе не потсетуваат дека донирањето ја обновува надежта во добрината на луѓето. Живееме од тоа што го добиваме, а го исполнуваме животот со тоа што го даваме. Ви ги споделуваме фотографиите:
Ова издание на кружокот се организираше во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект.
Да донираш е љубов,
Од тимот на Конект


